Давид Темелков запеа со мајка му: „Посебни спомени ме врзуваат за оваа песна, која е дел од моето детство“ (ВИДЕО)

Македонскиот пејач Давид Темелков повторно ги воодушеви своите обожаватели, овојпат со емотивно видео во кое заедно со неговата мајка изведува македонска народна песна. Двојката вокално одлично се вклопи, а видеото предизвика бројни позитивни реакции на социјалните мрежи.
Темелков ја искористи оваа прилика за јавно да ѝ оддаде почит на својата мајка, истакнувајќи дека токму таа е неговата најголема инспирација и причина зошто го носи во срцето фолклорот и македонската традиционална музика.
„Македонската музика е нашиот ИДЕНТИТЕТ! Жената поради која ја сакам македонската народна музика од дното на душава и што песната е мојот пат! Личност која е мојата ѕвезда водилка, мојот животен патоказ, мојата мајка! Епа мајчице, нека слушнат и другите од кого ми е коренот!“, напиша Давид под видеото.
Охрабрен од позитивниот одѕив на публиката, Темелков објави уште едно видео во кое заедно со мајка му ја испеаа безвременската „Учи ме мајко, карај ме“, песна на македонската музичка легенда Александар Сариевски.
„УЧИ МЕ МАЈКО! Ви благодарам за убавите реакции драги луѓе, па решивме со мајка да запееме повторно нешто заедно! „Учи ме мајко, карај ме“ е песна која е неизоставен дел од моето детство. Посебни спомени ме врзуваат за неа“, напиша Темелков.
Со овие објави, пејачот не само што го промовира значењето на семејството и корените, туку и уште еднаш потврди дека македонската народна песна има посебно место во неговото срце – благодарение на љубовта и поддршката од неговата мајка.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Инстаграм