Филмска магија во Битола: Започна 46. издание на меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“

Добивај вести на Viber

Со мото „Сон на платно“, во Битола свечено беше отворено 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Во наредните седум дена, над 400 автори и уметници од целиот свет ќе го претворат градот во центар на кинематографијата со проекции на над 70 филмови.

Доксевски: „Филмот е нашиот сон, магија што не може да се избрише“

Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, го отвори фестивалот со емотивен говор во кој се наврати на своето прво учество како водител пред 19 години.

„Филмот создава магија пред која зборовите исчезнуваат. Сонуваме големи филмови, некои да играат, некои да снимаат. Овие седум дена ќе сонуваме љубов, радост и уметност. Да живее ‘Браќа Манаки’!“, рече Доксевски.

Плакатот на Киро Урдин и 75 години од ДФРМ

Годинашниот фестивал се одржува и во чест на 75 години од Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Автор на фестивалскиот плакат е Киро Урдин, чие творештво ги спојува сликарството, литературата и филмот.

Златен медал за Благоја Куновски – Доре

Престижната награда Златен медал му беше доделена на филмскиот критичар Благоја Куновски – Доре, кој 46 години не пропуштил ниту едно фестивалско издание.

„Голема е честа да се биде дел од овој фестивал – симбол на македонската култура и филм“, изјави Куновски.

Наградата ја додели Игор Иванов, претседател на ДФРМ, а Куновски беше пофален како „најголемиот филмски критичар во историјата на македонскиот филм“.

Златна камера 300 за Семи Капланоглу

Годинешен добитник на Златна камера 300 за особен придонес во светската кинематографија е реномираниот турски режисер Семи Капланоглу.

Во својот говор, тој упати длабока благодарност до сите соработници и институции кои го поддржувале низ кариерата, а наградата ја посвети на убиената палестинска режисерка Фатима Хасуна и невините жртви од Газа.

„Филмот е јазик на светлината и сенките, начин на себеспознавање“, изјави Капланоглу.

Наградата му ја врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој рече дека фестивалот е симбол на културниот идентитет на градот.

Отворање со – филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска

Фестивалот беше отворен со проекција на филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска, инспириран од животот на Мајка Тереза. Главни улоги играат Нуми Рапас, Силвија Хукс, Никола Ристановски и Лабина Митевска.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и БиХ, со поддршка од европски и национални филмски фондови.

Нови награди и интернационални признанија

* Новата награда „Креативна синергија“ на компанијата „Сумолајт“ беше доделена на кинематограферот Бил Поуп и неговиот гафер Џонатан Спенсер.

* Се одбележува и воведувањето на специјална награда на ДФРМ, која се доделува ретко, во знак на долгорочна посветеност на фестивалот.

Силјановска Давкова: „Фестивалот е симбол на македонската култура“

Претседателката Гордана Силјановска Давкова официјално го прогласи фестивалот за отворен, нагласувајќи дека снимателот е тивок, но моќен автор во светот на филмот:

„Фестивалот „Браќа Манаки“ е уникатна сцена каде се слави уметноста зад камерата.

РЖМ