Христина Пан – мајка на три деца, хероина во хаосот наречен секојдневие

Добивај вести на Viber

Да се биде мајка на три деца е предизвик сам по себе, но да се биде Христина Младенов или како што ја знаеме на социјалните мрежи Христина Пан – значи да се биде и организатор, и негувател, и заштитник, и инспирација. Неодамна стана мајка по трет пат, и иако сè уште не се чувствува „целосно стабилизирано“, како што самата вели со насмевка, сепак некако – функционира. 

„Па можам да кажам дека како така најдовме некој терк и функционираме добро, за целосно стабилизирани не би рекла. Се прашувам и дали ќе дојде таков ден“, раскажува Христина низ шега.


Нејзиното секојдневие го опишува како „хаос 24/7, но позитивен хаос“. Откако поминала низ сериозни здравствени предизвици со ќеркичката Тара, нејзиниот фокус се променил – од непотребни работи кон внатрешниот свет на семејството. „Сега сум буквално посветена целосно на децата. Успевам во трчање да голтнам некоја капка кафе, јадам кога спие барем едно дете“, вели таа.

Иако деновите ѝ се испреплетени со пелени, млеко, оброци, игра и прошетки, Христина не се жали. „Работните денови ми се малку помирни затоа што Хана оди во градинка. Со Тара и Калија задолжително одиме во парк. Бебето ни се приклучи скоро во прошетките – среќа што имаме баба како сервис 24/7, инаку тешко нас“, вели таа низ смеа.

Можеби најубавиот дел е како децата реагирале на доаѓањето на најмалечкото. „Искрено, супер и подобро отколку што очекував. Можеби затоа што уште од мали се научени да делат љубов. Тара дури и ми помага – носи пелени, шише, ја гледа како ‘нејзиното бебе’ - “, споделува таа со нежност.


Но мајчинството не е секогаш бајка. Кратко по породувањето, Христина морала повторно да се соочи со болницата – овој пат со Тара. „Нема потешко нешто од тоа. Последниот престој ми беше најтежок – ги оставив и Хана и бебето, кое имаше само три недели. Немав избор. Инспирацијата и силата повторно ги најдов во Тара – таа да биде добро, другите две да се добри... само тоа ми беше важно.“

И покрај сите обврски, Христина не заборава на себе. „Успевам да украдам мааалку време за себе навечер кога ќе заспијат сите. Си задржав мали кратки ритуали за нега – и сметам дека секоја мајка треба да си го обезбеди тоа, макар и со тоа да си скрати од времето за спиење. И обавезно, барем еднаш неделно излегувам сама, без деца. Ако се случи два пати – сум добила бинго!“, вели таа со насмевка.

На прашањето што променило мајчинството кај неа, таа вели: „Се претворам во страшен ѕвер кога станува збор за моите деца. Борец каков што не сум ни сонувала дека постои во мене.“


За оние што размислуваат за повеќе деца, таа искрено советува: „Плаши се – знае да биде пострашно со неколку деца, ама вреди. Непроценливо е.“

Христина не се откажува ниту од Инстаграм. За неа, тоа не е само платформа – тоа е љубов, пријателства, поддршка. „Прифаќам соработки само во кои вистински верувам и ги користиме дома. Баланс постои само кога нешто вистински се сака. Дури и со три деца, сè се може“, вели со уверување.


Нејзините следбеници најмногу ја сакаат токму поради искреноста и топлината, а Тара е таа која најмногу го освојува вниманието. „Има нешто посебно во тоа дете. И покрај сè низ што поминува, зрачи“, раскажува Христина.


Брзи одговори со Христина Пан:

• Без што не можеш да го започнеш денот?
→ Секогаш кафе.

• Кога срцето ти е полно?
→ Кога ќе си дојде Хана од градинка и сите сме на купче.

• Најслатка детска реплика во последно време?
→ Вчера Калија плачеше, а Тара ѝ вика: „Не плачи Калија, мама тука, Хана тука, Тара тука, тато тука...“ 

• Што би им порачала на новите мајки?
→ Не мораш да покажуваш дека можеш баш сѐ сама.


Нејзината приказна не е совршена, но е реална, топла и храбра. Баш како и таа.



Ирена Ставрова