Кога болката станува уметност: Јулија Мациевска го овековечи својот ангел

Познатата водителка и пејачка Јулија Мациeвска, со своето најново ликовно дело „Анѓелот АН“, создаде силна и емотивна приказна за љубовта, загубата и вечната поврзаност меѓу мајка и ќерка. Сликата е посветена на нејзината почината ќерка, големата македонска сликарка Андријана Мациев, која замина прерано, но остави длабока трага во уметноста и во срцата на многумина.
На платно со димензии 140×100, во акрилна техника, Јулија ја прикажува својата ќерка како небесен ангел – во светкава златно-жолта светлина, со крилја и насмевка, со венче од бели цветови и ореол околу главата. „Така ја видов првпат во божествената светлина, кога ми рече: ‘Мама… жива сум’“, раскажува Јулија.
Ова дело нема да остане само во рамките на ликовната уметност – токму оваа слика ќе биде и насловната страница на третата книга посветена на Андријана. За разлика од претходните, оваа е автобиографска и ја започнала самата Андријана, а Јулија ја довршила по нејзината смрт. „Ми требаа три години да го внесам во компјутер сето она што таа го напиша со своја рака во најтешките моменти од својот живот“, вели Јулија, признавајќи дека процесот бил болен и тежок, но и единствен начин да ја исполни желбата на својата ќерка.
Книгата носи наслов „Јас сум жива“ и ќе ја има својата промоција на 16 септември – роденденот на Андријана. Во неа, читателите ќе најдат потресна, но и охрабрувачка животна приказна, сведоштво за борбата со болеста, за силата на духот и за вистината за тоа како се добива и како може да се надмине ракот.
„Ова е живо сведоштво за животот на три жени и нивниот неверојатен животен пат. Верувам дека ќе допре до секого кому му е потребна надеж, сила и вистина“, додава Јулија.