Кога љубовта кон градот станува лична мисија: Млад Скопјанец самоиницијативно и бесплатно чисти јавни површини (ВИДЕО)

Добивај вести на Viber

Иницијативата на младо момче од Скопје кое самостојно се зафати со чистење на јавните површини низ градот, стана вистински хит на социјалните мрежи. Под псевдонимот Gradinarot.mk, тој успеа да го привлече вниманието на јавноста со искрената заложба за почист и поубав град.

Идејата, вели тој, се родила од комбинација на инспирација и незадоволство од состојбата во која се наоѓа Скопје.

„Како што кажав во моето прво видео, инспириран од неколку странски креатори на слична содржина и состојбата во која што се наоѓа нашиот главен град, решив да почнам со снимање на вакви видеа,“ објаснува Андреј, млад ентузијаст кој стои зад профилот Gradinarot.mk.


Првото видео каде што тој чисти запуштени јавни површини – од тротоари до зелени површини – набрзо станаа вирални, а поддршката што ја доби од интернет заедницата ги надмина сите очекувања.

„Нормално дека на почетокот сите беа скептични, вклучувајќи ме и мене, но по реакцијата на социјалните мрежи сите некако го сменија мислењето. Најголемиот дел од коментарите се позитивни и охрабрувачки, и сум многу благодарен за тоа,“ вели тој.

Локациите кои ги избира за своите акции се претежно места каде што секојдневно поминува, но и фреквентни делови од градот каде што, според него, „навистина има потреба од акција за општо добро“.

Во моментов работи сам, но планира да формира тим кој ќе му помогне во мисијата за поубаво Скопје. На прашањето дали граѓаните можат да му се приклучат, неговиот одговор е недвосмислен.

 „Нормално дека секој што има добра намера за чист град, може во секое време да се приклучи и да придонесе за таа иницијатива.“

Иако засега делува локално, не ја исклучува можноста за проширување на акцијата и во други градови низ Македонија:

„Не сум размислувал, но понатаму, зошто да не?“

Кој е човекот зад Gradinarot.mk, Андреј сака да остане скромен и фокусиран на делата.

„Би сакал лични информации да останат приватни. Моментално мојата цел е да го работам тоа што го сакам и да се развивам во истото понатаму, и воедно да поттикнам свест кај сите гледачи дека сè е во наши раце.“

Во време кога јавните површини често се заборавени од институциите, иницијативата на Gradinarot.mk е потсетник дека секој од нас може да биде промена. Со ракавици, алатки, вреќи за ѓубре и многу волја, Андреј покажува дека и еден човек може да направи разлика.

Г.Д.Г