„Љубов“ ѝ донесе успех: Елена Васова е втората Македонка со награда „Милан Младеновиќ“

По Дина Јашари, која во 2022 година ја доби наградата „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“, годинава уште една македонска уметница се искачи на врвот на регионалната музичка сцена. Младата пејачка и композиторка Елена Васова е новата добитничка на ова значајно признание, кое во неделата, на 21 септември, беше свечено доделено во Макарска – град кој има особено значење во животот и делото на Младеновиќ.
Васова, која е родена во Скопје во 2000 година, ја освои наградата со песната „Љубов“, создадена во соработка со Ненад Стефановски и Ади Имери. На песната работеле и Петар Лукиќ, Мартин Џорлев и Милош Спасов. Нејзиниот емотивен и искрен настап ги освои срцата на жирито и публиката, истакнувајќи ја како глас кој носи нова енергија на музичката сцена во духот на уметничките вредности што ги промовираше Милан Младеновиќ.
„Фала ви многу. Јас навистина не го очекував ова. Не знам искрено што да кажам. Ви благодарам што давате простор и платформа и не’ препознавате – ‘the underdogs’. Ние што сакаме нешто да кажеме искрено и да шириме љубов. Ви благодарам!“, изјави Васова по доделувањето.
Наградата „Милан Младеновиќ“ се доделува традиционално на 21 септември, на роденденот на фронтменот на легендарната група „Екатерина Велика“. Првпат беше доделена во 2019 година, и од тогаш прерасна во една од најпрестижните музички признанија во регионот. По белградскиот бенд „Артан Лили“, кој беше првиот добитник, следуваа српските состави „д р а м“ и „Ана енд Д Чејџес“, додека во 2022 година за првпат наградата ја доби авторка од Македонија – Дина Јашари.
Како дел од наградата, Васова добива и паричен износ од 3.000 евра, специјално изработена статуетка во соработка со „Futro Design Studio“, како и настапи на релевантни фестивали ширум регионот.
Оваа година наградата беше врачена во рамките на фестивалот „Модро и зелено“ во Макарска, каде што Младеновиќ ги минувал своите лета и каде што, според организаторите, се наоѓа духовниот дом на неговото музичко наследство.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Инстаграм