Македонија во најдобро светло на „Мис на светот“: Чарна Невзати ги освојува сите погледи во Индија

Добивај вести на Viber

Македонската претставничка на престижниот избор за убавина „Мис на светот 2025“ е дваесетгодишната Чарна Невзати – студентка по право и модел. Таа веќе се наоѓа во индиската држава Телангана, каде финалето на натпреварот ќе се одржи на 31 мај во градот Хајдерабад.

Невзати е избрана по внимателен избор организиран од модната агенција „Даман“ во Истанбул, предводена од Шаќир Села. Таа ја понесе титулата „Мис Македонија“ и со тоа стекна право да ја претставува земјата на еден од најголемите светски настани од областа на модата и убавината.

Во меѓувреме, Чарна редовно споделува моменти од нејзиниот престој во Индија преку својот Инстаграм профил, каде може да се видат нејзини појавувања во свечени тоалети од светски дизајнери, како и случувања поврзани со подготовките за финалната вечер.

На една од објавите на официјалниот профил на „Мис на светот“, нејзиниот стајлинг беше опишан како врв на занаетчиска и висока мода:

„Мис на светот Северна Македонија воодушевува во препознатливиот фустан на дизајнерот со висок шлиц и илузија, украсен со рачно везени цветни апликации...“. 

Особено внимание предизвика впечатливиот детаљ – огромен цвет од невен на рамото, декориран со илјадници стаклени монистра, кристали и метални нишки.

Во рамките на овој текст ви ги претставуваме сите модни изданија на македонската „Мис на светот“, Чарна Навзати за време на престојот во Индија, прес стартот на големото финале за изборот „Мис на свет 2025 година“.

Освен во светот на модата, Чарна има забележителен успех и на академски план. Како студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, таа ја доби специјалната награда за најдобар сценски настап „Бранко Ѓорчев“ и победи на 26. Ораторска вечер „Иво Пухан“ со говор на тема „Кој ја плаќа цената на војната и тероризмот“.

Покрај студиите, активно се занимава со моделинг преку агенцијата „Макс Моделс“, каде соработува со бројни домашни и меѓународни брендови.

Изборот за Мис на светот 2025, кој оваа година се одржува по 72-ри пат, трае од 7 до 31 мај и има за цел да ја промовира културната разновидност, женската моќ и глобалната визија. Круната ќе ѝ ја предаде актуелната Мис на светот – Кристина Пишкова од Чешка.

Фото: Инстаграм
РЖМ