Македонската режисерка Тамара Котевска ја освои „Наградата на Музата“ на филмскиот фестивал во Венеција: „Ова е мојот најважен филм досега, „Силјан“ е моја лична приказна

Македонскиот филм испиша ново златно поглавје на најстариот и најпрестижен филмски фестивал во светот – Венеција.
„Силјан“, новиот документарен филм на оскар-номинираната Тамара Котевска, ја освои наградата „Cinema and Arts Award“ („Наградата на Музата“) за најинспиративен филм на Биеналето. Во конкуренција од 20 филмови, „Силјан“ го освои првото место и стана едно од најзначајните остварувања на фестивалот.
Иако беше прикажан во официјалната секција „Out of Competition“ – каде настапуваат автори од светски калибар како Вернер Херцог и Софија Копола – филмот на Котевска се издвои и замина од Венеција со врвно признание.
„Ова е мојот најважен филм досега... ‘Силјан’ е моја лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура,“ изјави Тамара Котевска при доделувањето на наградата.
Филмот е инспириран од бајка од македонскиот фолклор од 17-тиот век. Ја следи судбината на Никола, земјоделец кој наоѓа повреден бел штрк – средба што прераснува во метафора за човечкиот опстанок и надежта.
„Силјан“ претставува историски подвиг не само за Котевска, туку и за целата македонска кинематографија, внесувајќи ја Македонија на највисокото ниво на светската филмска сцена.
Филмот доби извонредни реакции од светската критика:
Hollywood Reporter: „Апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица.“
Venice Film Festival – официјален критичар: „Истата универзалност како ‘Honeyland’, но со подлабок уметнички израз.“
Eye for Film: „Човекот, митот и современиот свет се испреплетени во заводлив документарец.“
Toronto Star: „Котевска се издигнува уште повисоко со овој прекрасно снимен филм.“
Screen International: „Импресивно достигнување – фаворит за фестивалите и наградите.“
Indiewire: „Триумф. Болно прекрасен. Заносно поетско дело.“
Со „Силјан“, Тамара Котевска уште еднаш докажа дека македонските приказни имаат моќ да освојат престижни фестивали и да се врежат во светската филмска историја.
Агенцијата за филм со гордост го поздравува овој успех, кој претставува симбол на уметничкиот потенцијал и културната сила на нашето поднебје.
Извор: North Macedonia Film AgencyФото: North Macedonia Film Agency