Македонски документарец го освојува светската сцена: National Geographic го откупи „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска

Македонија повторно блесна на светската филмска мапа. Документарниот филм „Приказната за Силјан“ од двојно оскар-номинираната режисерка Тамара Котевска е откупен од National Geographic Documentary Films — еден од водечките светски дистрибутери на документарни остварувања. Овој потег претставува историски момент за македонската кинематографија, отворајќи му на филмот врати кон глобална публика преку National Geographic и Disney+.
Филмот веќе остави силен впечаток на големите фестивали – ја доби „Наградата на Музата“ на Биеналето во Венеција, предизвика овации на проекциите во Торонто, и беше официјално избран за македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар интернационален филм.
Со откупот од National Geographic, „Приказната за Силјан“ влегува во престижна дистрибутивна мрежа која досега стоеше зад бројни добитници на Оскар и Еми. Филмот ќе биде достапен во повеќе од 170 земји, со силна маркетинг и фестивалска поддршка. Дополнително, дел од правата се откупени и од британската компанија Dogwoof, позната по својата работа со повеќекратни добитници на Оскар и Бафта. Dogwoof ќе го дистрибуира филмот во Австралија, Јапонија и Полска.
Здружението на филмски работници на Македонија го номинираше филмот како официјален кандидат за Оскар – уште едно признание за визионерската работа на Котевска.
„ Уште како мала, National Geographic ми беше омилена литература. Статиите и приказните од National Geographic ме инспирираа да станам документарист. Од тогаш сонувам да ги доживеам авантурите и предизвиците на фотографите и документаристите кои работат за оваа компанија. И сега, кога истата таа компанија го купи мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон кој не мислев дека може да стане реалност. За мене, тоа е најголема потврда дека филмот е веродостоен и дека неговата приказна е релевантна на светски рамки. Сето ова ни дава надеж дека филмот ќе има уште поголем одек во следната фаза на оскаровската трка, но тоа истовремено нè задолжува да вложиме сериозен труд и работа.“ – изјави Тамара Котевска, режисерка и продуцентка.
Документарна бајка со корени во македонскиот фолклор
„Приказната за Силјан“ е документарен филм инспириран од фолклор од 17 век. Централна фигура е земјоделецот Никола и неговиот неочекуван однос со бел штрк со повредено крило – силна метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
Зад ова остварување стои интернационален тим на професионалци:
Режисерка и продуцентка: Тамара Котевска
Кинематограф и продуцент: Jean Dakar
Продуценти: Anna Hashmi и Јорданчо Петковски
Продукциски куќи: Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop, Филмоскопија
Монтажа: Мартин Иванов
Музика: Joe Wilson Davies и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio)
Тон: Александар Протиќ
Колор корекција: GHABHA Studios
Консултанти: Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz
Гласови од светската критика
Светските медиуми едногласно го поздравија филмот:
Moderntimes Review: „Преку метафорична резонанца и виртуозен филмски јазик, таа ја пренасочува болката што има историја во заеднички емоционален запис — и со тоа успева да оствари можеби уште поголем потенцијал.“
Hollywood Reporter: „Апсолутен шармер… трогателен поглед на врската меѓу човек и птица.“
https://www.hollywoodreporter.com/movies/movie-reviews/the-tale-of-silyan-review-1236341552/
The Wrap: „Некои од најзачудувачките визуелни поезии и импресивни фотографии од природата што некогаш ќе ги видите.“
https://www.thewrap.com/venice-telluride-oscar-frontrunners-hamnet-frankenstein/
Screen International: „Извонредно и импресивно достигнување.“
IndieWire: „Триумф. Болно прекрасен. Одличен документарец и заносно поетско дело.“
https://www.indiewire.com/criticism/movies/the-tale-of-silyan-review-1235147758/
Со овој успех, „Приказната за Силјан“ ја зацврстува својата позиција како едно од најзначајните македонски филмски остварувања, подготвено да ја освои светската публика. Месеците што следат филмот ќе продолжи со фестивалски настапи и кампања за „Оскар“, а тоа ќе покаже дека приказната допрва расте.
РЖМ