Музиката им е во крвта: Синот на Влатко Стефановски дипломираше на Факултетот за музичка уметност во Штип

Добивај вести на Viber

Јан Стефановски, синот на македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски, дипломираше на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тој своето академско образование го заврши на отсекот за џез музика, со специјалност по тапани.

Јан е веќе добро познат на музичката сцена како дел од составот „Влатко Стефановски Трио“, каде што свири заедно со својот татко Влатко и басистот Иван Куќиќ – син на познатиот музички пар Ленче и Горан Куќиќ. Триото активно настапува на концерти низ Македонија и регионот, носејќи уникатна енергија и мајсторство на сцена.

Во интервју за македонските медиуми, Јан вели дека му годи кога го поврзуваат со татко му, но тоа не го доживува како товар.

„Секако дека сум горд на него, но искрено, кога ќе кажат ‘еј, син на Влатко’, па јас сега да паѓам во несвест – не можам. Тој пред сѐ ми е татко“, изјави Јан, потенцирајќи дека славата на неговиот татко не ја засенува неговата лична мотивација и љубов кон музиката.

Тапаните, како што објаснува, ги одбрал од љубов и внатрешен порив. Иако како дете се интересирал за сликање, а подоцна и за кошарка, музиката и ритамот на тапаните сепак преовладеле.

Историјата на „Влатко Стефановски Трио“ започнала во 2019 година, кога Влатко, по препорака од пријател, го слушнал младиот Иван Куќиќ. Импресиониран од неговиот талент, го поканил да свират заедно. Првите проби се одвивале во домашното студио на Влатко во Тафталиџе, а денес триото редовно настапува на концерти и музички фестивали низ Балканот.

Со дипломата во раце и веќе богато искуство зад себе, Јан Стефановски е дел од новата генерација македонски музичари кои го продолжуваат музичкото наследство со свежина, страст и посветеност.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм