Нина Ангеловска од Кина: „Мерките за тајфунот сè уште се на сила“

Добивај вести на Viber

Тајфунот Рагаса, една од најмоќните тропски бури што ја зафатија Азија во последниве години, во средата силно го погоди Хонг Конг, предизвикувајќи големи разрушувања и човечки жртви. Бурата донесе апокалиптични сцени со огромни бранови, високи и над уличните светилки, кои метежно удираа по крајбрежјето.

Според досегашните информации, тајфунот однесе најмалку 27 човечки животи – 17 во Тајван и уште 10 во северниот дел на Филипините. Во Хонг Конг, над 100 лица се повредени, а градот беше парализиран – аеродромите беа затворени, училиштата суспендирани, а јавниот превоз сериозно ограничен.

По ударот во Хонг Конг, Рагаса продолжи да се движи кон југ, при што кинеските власти започнаа масовна евакуација. Во покраината Гуангдонг, над два милиони луѓе беа евакуирани како дел од превентивните мерки за справување со последиците од бурата.

Состојбата од терен ја сподели и Нина Ангеловска, македонска државјанка која моментално престојува во градот Гуангџоу заедно со својот сопруг Виктор, кој таму работно е ангажиран, и нивниот син Стефан. Таа преку социјалните мрежи објави фотографии од хотелот каде што се сместени, прикажувајќи ги мерките што кинеските власти ги преземаат за заштита на населението.

Поставени се вреќи со песок пред вратите, а прозорците специјално запечатени.

Во една од нејзините објави таа додава и дел од секојдневието во вонредна состојба.

„Мерките за тајфунот се уште се на сила, ама продавницата пред хотелот работи... Слично како кај нас на ‘кванташки’, само со модерна технологија за плаќање на каса“, забележа таа со доза на хумор.

Властите предупредуваат дека тајфунот Рагаса и понатаму претставува сериозна опасност и ги повикуваат граѓаните да останат во безбедни простории и да ги следат официјалните упатства.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм