Овации и аплауз за „Ничија земја“: Македонска претстава со триумфален настап на европски фестивал во Ќустендил

Добивај вести на Viber

Синоќа, Македонскиот народен театар (МНТ) ја имаше честа да ја отвори првата фестивалска вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“, кој се одржува во Ќустендил, Бугарија.

На сцената на фестивалот беше изведена претставата „Ничија земја“, по текст на Данис Тановиќ и во режија на реномираниот Александар Морфов. Претставата беше одиграна пред полна сала со околу 700 гледачи, кои ја наградија актерската екипа со стоечки овации и петминутен аплауз.

Преку моќна актерска игра и визуелна изведба, претставата успеа да ја пренесе универзалната порака за апсурдноста на војната. Иако беа обезбедени преводи на бугарски и англиски јазик, голем дел од публиката ја следеше претставата без превод, доживувајќи ја емоцијата преку актерската изведба.

Во ансамблот настапија: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.

На социјалните мрежи беше објавено кусо видео од подготовките на актерската екипа пред почетокот на претставата.

Фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ е нова европска иницијатива насочена кон поттикнување на културна размена, интернационална соработка и уметнички дијалог преку сценската уметност. Програмата вклучува класични и современи театарски продукции од различни европски земји, како и професионални активности – работилници и обуки со претставници од Европската комисија.

Првото издание на фестивалот обединува театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, а се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка од Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, општина Ќустендил и Сојузот на артисти на Бугарија.

Македонското учество е овозможено преку Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, во рамки на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, финансирана од Европската Унија.

Фото: МНТ