Пејачката на нашето детство повторно буди емоции: Се враќа ли „Ноќната кралица“ на сцената?!

Ерзана Бериша, една од најпрепознатливите ѕвезди на македонската поп-сцена од крајот на 90-тите и почетокот на 2000-тите, повторно ги разбуди носталгичните емоции кај публиката. На социјалната мрежа Инстаграм се појави профил со името „Erzana.music“, придружен со фотографија од нејзините најславни денови, што предизвика лавина реакции кај нејзините обожаватели.
Пејачката, позната по неколку големи хитови кои и денес се слушаат, ја напушти музичката сцена во екот на својата популарност. Како причина за повлекувањето се наведува нејзиниот брак со Ариан Превала, поради кој се пресели во САД. Според тогашните медиумски написи, Превала, инаку инструктор по летање, посакувал мирен семеен живот, поради што Ерзана одлучила да ја стави кариерата во втор план.
Превала подоцна стана познат во американските медиуми како херој, откако спасил стотици животи во авионски инцидент – за што, меѓу другите, пишуваше и „Њујорк тајмс“.
Новопојавениот Инстаграм профил предизвика голем интерес во јавноста, а бројни македонски јавни личности го споделија на своите профили. Фановите и следбениците со емотивни коментари изразија желба да ја видат Ерзана повторно на сцената: „Те сакаме Ерзана“, „Се вратив во детството“, „Кралица“, „Врати се Ерзана“.
Познатата пејачка Тамара Тодевска, исто така, се приклучи на поддршката, коментирајќи:
„Истава маичка ја купив поради „Ноќнава кралица“! Многу би сакала да ја слушнам со нова песна.“
Сè уште нема официјална потврда дали зад профилот навистина стои Ерзана и дали ова е најавата за нејзино враќање во музиката или, пак, станува збор за иницијатива на нејзин обожавател.
Дали пејачката подготвува музички камбек, останува да видиме во наредниот период.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм