Ристе Ристески – од слава до тишина: каде е денес македонскиот победник на „Гранд“?

Ристе Ристески од Охрид останува еден од најпрепознатливите македонски гласови на последната деценија.
Во 2017 година, тој стана првиот и единствен македонски победник на популарното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, носејќи ѝ ја победата на Македонија во конкуренција на стотици таленти од целиот Балкан.
Победата ја обезбеди со над 76.000 гласови од публиката, што говори за неговата исклучителна популарност и љубовта која ја доби од гледачите.
По триумфот, Ристе активно настапуваше на концерти, клубски вечери и фестивали низ Македонија и регионот. Соработуваше со истакнати музички автори и продуценти, објави неколку синглови и видеоспотови, и редовно комуницираше со својата публика преку социјалните мрежи.
Но, од 2024 година, ситуацијата се промени. Ристески ненадејно и целосно се повлече од јавноста. Неговите последни објави на социјалните мрежи датираат од пред речиси една година, а неговото онлајн присуство е речиси непостоечко. Во септември 2024 година Ристе објави фотографија со која посочи дека се наоѓа во Турција. Се шпекулираше дека Ристе бил во Турција на трансплантација на коса. Сепак дали поводот за неговото патување е летување или сепак некој друг тип на ангажман останува нејасно.
Иако не постојат официјални изјави од неговата страна, неофицијално се зборува дека причините за неговото повлекување се лични и приватни. Во јавноста тој секогаш важеше за смирен и скромен уметник, кој ретко говореше за својот приватен живот. Малкумина знаат детали за неговото семејство, секојдневие или планови, што само го зголемува интересот и љубопитноста на публиката.
Сепак тој е запаметен како човекот кој го постави македонското знаме на првото место на едно од најгледаните музички натпреварувања во регионот. Неговата победа беше симбол на талент, истрајност и уметничка вредност, и како таков, тој останува дел од музичката историја на Македонија.
Додека јавноста продолжува да се прашува каде е и дали повторно ќе се врати на сцената, едно е сигурно — Ристе Ристески секогаш ќе остане име со посебно значење во македонската естрада.
М.С.К