„Созреавме заедно и пораснавме, решивме дека е време да ги исклучиме детските болести“: Слаткар и Тони Зен пред големиот концерт на 11 октомври во „Борис Трајковски“

Македонската хип-хоп сцена ќе доживее нова кулминација оваа есен – Марко Маринковиќ Слаткаристика и Тони Зен ќе одржат заеднички концерт на 11 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. По речиси две децении соработка, двајцата артисти се подготвени да приредат музички спектакл што ќе ја одбележи годината.
Поводот за концертот и деталите околу настанот беа споделени на прес-конференција организирана од продукцијата „Прагма“, предводена од Кристијан Стефановски – човекот кој стои зад многу големи музички настани во земјава.
„Македонските артисти заслужуваат повеќе поддршка, не само од публиката, туку и од институциите и медиумите. Музиката тука тоне, не поради квалитетот, туку поради недостаток на простор да се слушне и види“, истакна Стефановски, додавајќи дека наскоро ќе стартува нов проект насочен кон поддршка на домашната сцена.
Концертот ќе биде симболичен и поради датумот – 11 октомври, Денот на народното востание.
Тони Зен евоцираше спомени за првата средба со Слаткар, која датира од почетокот на 2000-тите:
„Ми звони некој на врата и го гледам Марко со уште двајца рапери. Тогаш не се викаше рапер, туку Ем-Си. Јас тогаш ја имав направено песната „Рап химна“, и тие ми велат: Ајде да правиме „Рап химна 2“. Им реков: Дечки, ве слушам, ве почитувам, ајде да ја правиме химната, и брзо потоа заминавме во студио. Оттогаш почнавме да соработуваме и да се разбираме низ еволуцијата на хип-хопот“.
Од таа средба, до денес – преку многубројни заеднички проекти и соработки – Слаткар и Тони останаа во ритам со времето, но и со својата публика. За концертот, велат дека ќе го исполни и најголемото очекување на нивните фанови.
Една од нумерите што ќе има специјално место во сет-листата е „Спушти се доле“, која неодамна доби нова, „покултурна“ верзија. Слаткар објасни дека пораснале и како луѓе и како артисти, па одлучиле да ѝ дадат нов живот на песната, со „покултурна“ порака. На концертот ќе се изведат и старата и новата верзија, во чест на минатото и во поглед кон иднината.
На сцената на 11 октомври ќе им се придружат и специјални гости, меѓу кои 2Бона, Next Time, со кои Слаткар имаше соработка и Zee Bomb, што гарантира вечер полна со изненадувања, емоции и носталгија, но и со нови звуци кои ја отсликуваат современата македонска музичка сцена.
Билетите за настанот се веќе пуштени во продажба преку Купи карта за се.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Женски магзин