Српскиот актер Милош Биковиќ со инвестиција во татковината на дедо му: Најави хотелски и рекреативен комплекс во Берово

Добивај вести на Viber

Популарниот српски актер Милош Биковиќ, кој неколкупати досега јавно изјавил дека има македонско потекло, деновиве престојуваше во Македонија. Овој пат, неговата посета доби и бизнис-димензии, откако најави иницијатива за инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс во Берово.

Биковиќ потекнува од овој мал, но живописен град во источниот дел на земјата, а како што открива, дел од неговото семејство го носи презимето Биковски. Во една претходна изјава, актерот објасни дека неговиот дедо и неговиот брат го смениле презимето за време на Југославија, според тогашните правила – едниот станал Биковиќ, а другиот останал Биковски. „Едниот одлучил да биде Србин, другиот Македонец“, рече Биковиќ пред неколку години, додавајќи дека сè уште не го посетил Берово, но има желба тоа да го направи.

Интересот на Биковиќ за Македонија не е од сега. Тој неколкупати бил во земјава, а една од последните посети беше пред две години, кога претставата „Лагата“, во изведба на Белградското драмско позориште, чиј член е Биковиќ, беше дел од затворањето на фестивалот „Охридско лето“. Актерот и неговите колеги тогаш имаа можност да уживаат во убавините на Охрид, како и во македонската храна и вино.

По повод најновата иницијатива, премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, објави заедничка фотографија со актерот на социјалните мрежи. Во описот стои:

„На мое задоволство имав средба со познатиот актер Милош Биковиќ, кој по потекло е од убавиот македонски град Берово. Разговаравме за неговата иницијатива за инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс во Берово. Ме радува неговата иницијативност и љубов кон Берово и Македонија. Така се почитуваат своите корени.“

Иницијативата на Биковиќ е уште еден пример за културна и економска поврзаност меѓу Македонија и Србија, а истовремено и показател за потенцијалот што го имаат руралните региони во нашата земја за развој на туризмот.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм