„Судија кој треба да изрече мерка ако е ќерка му баш Росица, дали сѐ исто ќе идеше по овој редослед“: Миа Костова за фемицидот во Велес

Убиството на 31-годишната Росица Коцева од Велес од страна на нејзиниот поранешен партнер ја потресе македонската јавност и повторно го отвори прашањето за неефикасноста на институциите во справувањето со семејното и родово базирано насилство.
Според првичните информации, Росица претходно имала поднесено пријави против осомничениот за закани и вознемирување, но институциите, очигледно, не презеле навремени и соодветни мерки за нејзина заштита. Оваа трагедија предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните, активистите, познати личности и јавни фигури изразуваат гнев, револт и разочараност од системот кој, како што велат многумина, повторно затаил.
Една од најкоментираните објави доаѓа од македонската инфлуенсерка Миа Костова, која на својот профил сподели лично искуство со институционалната неажурност и недоверба кон жртвите. Нејзиниот статус, во кој опишува како полицијата реагирала кога нејзиниот автомобил бил запален, предизвика силни реакции на интернет, особено кај жените кои во коментарите под објавата масовно споделуваат слични искуства со системот.
„Хорор… Вистински хорор," започнува Костова.
"Колата ми ја запалија - никој до ден денес не ме побарал ниту нешто се преземало. Полицајците и крим техника ме тргаа на страна со бебе во рака и ми викаа „ајде признај си каде должиш, што си направила?’"
Таа посочува дека иако имало повеќе закани и инциденти, случајот бил затворен без резултати, а институциите биле фокусирани на обвинување, наместо на заштита. Во продолжение, Костова коментира и за убиецот на Росица, посочувајќи дека луѓето од неговото опкружување знаеле дека е склон кон насилство, но не реагирале.
"Малце тепал жени… малце чуден. Малце поише пријави…"** – пишува таа, додавајќи дека токму тие „малку“ довело до смрт.
Инфлуенсерката повикува на итни законски измени, барајќи построги казни за сторителите на насилство и сериозен третман на секоја пријава. Таа жестоко ја критикува и практиката на изрекување „забрани за приближување“ за психопатски личности, оценувајќи ги како неефикасни и илузорни мерки.
"Психопат ако може да се носи со неприближување, нема да е психопат,"вели Костова, додавајќи:
"Пријава, насилство, закани – притвор. Па нервирај се од таму и објаснувај се."
Потресната исповед на Костова, заедно со десетици други сведоштва под нејзината објава, го отсликуваат недовербата што многу жени ја имаат кон институциите, кои според нив не само што не ги штитат, туку понекогаш и ги третираат како виновни.
По убиството на Росица Коцева, активистки и организации за човекови права бараат итна институционална реформа, промени во Законот за заштита од семејно насилство и формирање на специјализирани тимови за итно постапување по пријави од загрозени жени. Воедно, се бара одговорност и транспарентност за тоа зошто мерките за заштита на Росица не биле спроведени навреме.
Македонија веќе неколку години се соочува со растечки број случаи на фемицид и семејно насилство. И покрај јавните дебати и бројните ветувања за реформи, секој нов случај, како оној на Росица, потсетува дека системот сè уште не функционира како што треба.
Според податоците на МВР, во периодот од 2018- 2023 година се извршени 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои 61% се за телесна повреда, а 35% за загрозување на сигурноста. Регистрирани се 6.423 сторители, од кои 91% се мажи и 6.663 жртви, од кои 79% се жени.
Жртвите не смеат да останат само бројки или вести од црната хроника – тоа е пораката која денес одекнува низ социјалните мрежи. Но, дали конечно ќе има реални промени или и овој случај ќе остане заборавен, како многу претходни, останува да се види.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Инстаграм