„Таа вечер имаше посебна енергија – како да чувствувавме дека е за последен пат“: Шест месеци од најцрната ноќ во Кочани

„Сите излезете, ќе се вратиме...“ – беа последните зборови на Панчо од групата ДНК, пред шест месеци, кога во катастрофален пожар животот го загубија 62 лица, а 193 беа повредени. 16 март 2024 година останува запаметен како еден од најтажните и најцрните денови во поновата македонска историја.
Она што требаше да биде ноќ на музика, младост и забава, се претвори во ужасна трагедија. Десетици млади луѓе, кои дојдоа на концерт на нивната омилена група, никогаш не се вратија дома. Пожарот што го зафати објектот во кој се одржуваше настанот одзеде многу животи – меѓу нив и животите на членови на бендот, придружниот персонал, како и гости кои дојдоа да уживаат во вечерта.
Шест месеци подоцна – болката не стивнува
Денес, шест месеци од трагедијата, спомените се сè уште свежи. Сцените од таа ноќ – вонредните вести, објавите за исчезнати, имиња кои беа прогласени за починати, а повредените со тешки изгореници и повреди итно транспортирани во болници – засекогаш остануваат врежани во колективната меморија на нацијата.
Болката, како што велат семејствата и пријателите на жртвите, не престанала. Напротив, со секој поминат ден, тагата станува подлабока, а чувството на загуба – посилно. Единственото нешто што остана се спомените, фотографиите, песните и гласовите на оние кои веќе не се меѓу нас. Тие спомени, се богатство што ќе се чуваат со почит.
Пораки од преживеаните – „Не требаше да биде вака“
Една од преживеаните, придружната вокалистка на групата ДНК, Ана Костадиновска, која во пожарот го загуби своето музичко семејство, но и најдобрата пријателка Сара, на социјалните мрежи објави трогателна порака во чест на загинатите:
„...си беше еднаш“**, напиша Ана, прикачувајќи емотивни фотографии од настапи и моменти со колегите кои ја напуштија таа кобна вечер.
Своето сеќавање го сподели и гитаристот на ДНК, Горан Тонев од Струмица, кој се здоби со повреди и се лекуваше во странство. Во својата објава, тој се присети на последниот заеднички настап:
„Поминаа 6 месеци од ноќта која што на сите ни ги промени животите... Уживавме да ја делиме сцената, насмеани и ведри како и секој наш настап, но таа вечер имаше посебна енергија – како да чувствувавме дека е за последен пат. Не требаше да биде вака, колеги мои... Засекогаш ќе ве носам во моето срце. Почивајте во мир“,* напиша Тонев, прикачувајќи фотографии од загинатите колеги.
Незаборав и почит
Македонија денес тагува, но и се потсетува – на човечките загуби, на хероизмот на преживеаните, на солзите, на бесот, но и на љубовта и музиката што ги поврза сите тие животи. Шест месеци подоцна, останува обврската: да се памети, да не се заборави и никогаш да не се повтори.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Инстаграм