Тој не продава соништа – ги донира! Борче Стаменов номиниран за највисока државна награда

Еден човек е доволен за да започне низа на позитивни промени, ова го потврдува Борче Стаменов од Кавадарци, кој со неговата организација „Донирај компјутер“ направи многу деца среќни и им обезбеди компјутери.
Иницијативата на Борче и пријателите во јавноста беше препознаена во периодот на пандемијата кога учениците имаа онлајн настава, па потребата од бесплатен компјутер повеќе беше добредојдена.
Борче во интервју за Женски магазин зборуваше дека иницијативата „Донирај компјутер“ започнала сосема случајно.
- Во компанијата каде сум вработен скоро 22 години, на врата се појави една женичка која бараше половен компјутер за нејзините 3 деца. Ние како компанија имаме доста клиенти кои својата дотраена опрема ја оставаат кога набавуваат нова. Средив една од тие машини, ја ставив во кола и им ја однесов до дома. Радоста на тие дечиња во тој момент ја зачнаа идејата за ова што денес е „Донирај компјутер“. Тоа се случи декември 2016-та година.
По нешто повеќе од 6 години од иницијативата, Борче Стаменов оваа година е номиниран за државната награда „11 Октомври“.
„Инаку номиниран сум и за државната награда „11 Октомври“ за 2025. Со оваа награда се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на Република Македонија. Номинацијата ја поднесе директорот на компанијата каде сум вработен повеќе од 20 години и е нераскинлив дел од #ДонирајКомпјутер. Ако ја добијам, тоа ќе биде трета државна награда“, напиша Борче во објавата.
Во 2023 година на Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември на Стаменов му беше врачена државната награда „Мето Јовановски“, како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоција, заштита и унапредување на човековите права.
Оваа година во август треба да му биде врачена државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година. Ова е награда која се доделува секоја година за посебен придонес во областа на хуманоста, солидарноста и хуманитарната дејност.
РЖМ - Г.Д.Г