Вреди да си дојдеш дома – па макар и само за еден залак турлитава: Вака изгледа гурманската носталгија на Благој Нацоски (ВИДЕО)

Добивај вести на Viber

Најуспешниот и најпознат македонски тенор, Благој Нацоски, кој со години живее во Џенова, Италија, а гради кариера во Европа и светот, неодамна допатува во Македонија поради – верувале или не – турлитава. Но не било каква, туку таа подготвена од неговата мајка.

Овој топол и автентичен момент го откри неговиот брат, Филип, кој на својот нов гурмански Инстаграм-профил „Гурманлук со Вилипче“, сподели видео од семејната трпеза, на кое Благој со насмевка го дегустира традиционалното македонско јадење. Видеото експресно стана вирално и предизвика голем број реакции и коментари на социјалните мрежи.

„Ги видовте фотките од турлитавата на мајка ми? Епа брат ми ги виде и до толку се настрви, што фати авион од Италија за да кркне од тоа што остана. Ама најсериозно . Си дојде онака најлабаво на цел свет, ко у Куманово да живее“, напиша Филип како објаснување на видеото.

Од инстаграм профилот „Гурманлук со Вилипче“ око може да ви фати, и рецептот за традиционалното охридско макало, видео насловено „Бела нутела од лук“ и според коментарите – буквално „течат лиги“ додека го гледате. Гурманскиот ентузијазам, народскиот пристап и спонтаноста на Филип придонесоа овој профил за само неколку дена да стане вистински хит во македонскиот онлајн простор.

Иако сцените на Благој Нацоски се главно оние од најпрестижните оперски куќи низ Европа, ова видео покажа дека ниедна светска сцена не може да го замени вкусот на домашното јадење и топлината на семејниот дом.

Овој момент е уште една потврда дека македонската традиција, кујна и топол пречек се нешто за што секогаш вреди да се вратиш дома – па макар и само за еден залак турлитава.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм
РЖМ - Г.Д.Г