БАКШИШОТ Е ДОБРА МОТИВАЦИЈА: Koлку може да заработи еден келнер?

Добивај вести на Viber

Во екот на туристичката сезона, во Охрид и Струга може добро да се заработи од бакшиш. 

Сопствениците на угостителските објекти,  велат дека добар келнер, во текот на месецот може да заработи уште една плата по основ на бакшиш. Вкупната заработка месечно може да биде околу 1.000 евра или над таа сума. Странците почесто оставаат бакшиш, а домашните гости тоа поретко го прават.

„Aко платата им е 30.000 денари,  келнерите можат плус една до две плати да заработат како бакшиш. Сите газдите што ги знам, не им се мешаат на вработените во бакшишот. Преку лето има повеќе гужва, повеќе работа и повеќе бакшиш. Преку зима тука се нашите гости, ама и нашите оставаат, оти цените завршуваат со 90, 80 денари и туристите оставаат бакшиш така што ја заокружуваат сумата. На странците им е полесно да оставаат бакшиш. Зависи колкава е сметката, но и зависи од услугата, ако се задоволни, ако вработените се љубезни, тогаш даваат бакшиш. Посетителите сакаат кога луѓето се љубезни со нив. Сите што се Балканци, тие се чаламџиски народи, а чалам се прави со пари, така што даваат бакшиш и спремни се и последниот денар да го потрошат. Даваат бакшиш и Србите. Познати по давање бакшиш се Американците и мислам дека се број 1 во цел свет. Сите оставаат по некој денар. Ако има работа, еден келнер сосе бакшиш може да заработи 1.000 евра месечно“, вели сопственик на охридско кафуле.

Во Скопје, бакшиш оставаат странците, но и луѓето кои се од побогатите општествени слоеви.  Стружани пак објаснуваат дека во јули и август преку лето е полно во градот, имаат поголем прилив на гости и можност да земат бакшиш.

„Може добро да се заработи од бакшиш во Струга, посебно во локалите во центарот на градот и тоа во периодот кога доаѓаат печалбарите. Јули и август се најдобри месеци, има многу гости и тогаш може да се заработи од бакшиш. Тие што доаѓаат од Швајцарија најчесто даваат бакшиш“, објаснува сопственичка на кафуле во Струга.

Но, во источниот дел од државата каде одмораат домашните гости, потешко се доаѓа до бакшиш.

„Потешко оди со бакшиш во Берово, оставаат од 10 до 50 денари, веројатно затоа што најчесто доаѓаат домашни гости во градот“, вели Благој Зелнички, угостител од Берово.

Во Дојран странците почесто оставаат бакшиш при посета на некој угостителски објект.

Повеќе на ФАКТОР