Дел од корисниците ги нудат на продажба картичките „купувам домашно“ за да добијат кеш?

Добивај вести на Viber

Дел од корисниците на картичките „купувам домашно“ бараат начин доколку им требаат пари во кеш, да ги продадат картичките и да добијат соодветна сума.

За оваа цел најчесто се обраќаат кај трговците и во угостителските објекти, и прашуваат дали би добиле надомест за овие картички.

„Кога беа поделени картичките, се јавуваа граѓани и прашуваа. Им кажавме дека не може да им дадеме пари за тие картички, се знае дека тие се за купување на домашни производи и за помош на домашниот буџет. Претпоставувам дека истите луѓе не само кај нас, туку прашувале и на други места. Сега веќе таа појава е стопирана, а впрочем можат да купуваат многу производи и да користат услуги со таа картичка“, велат од фирма од внатрешноста која се занимава со трговија.

Од многу македонски компании тврдат дека не би се осудиле да направат такво нешто.

„Јас не би ја ризикувала својата работа за такво нешто. Кај нас во дуќан никој не побарал таква услуга, единствено мислам дека доколку се договорат две лица, можат да направат замена, едното лице да ја отстапи картичката на друго лице кое ќе му даде одреден износ на пари“, додава друга наша соговорничка.

Граѓаните коментираат дека на ваков чекор се решаваат обично семејствата каде имаат на користење повеќе од една картичка, при што се трудат едната да ја заменат за кеш, со што парите би ги потрошиле, без да бидат обврзани тоа да биде за домашни производи.

Повеќе за корисничките картички „купувам домашно“ прочитајте на Фактор.мк