Љубов пред олтарот на традицијата: Коњаник ја запроси својата девојка во Бигорски (ВИДЕО)

На светото место каде духовноста се среќава со традицијата, годинашната Илинденска коњаница започна со несекојдневен и емотивен момент, коњаник ја запроси својата девојка пред портите на Бигорскиот манастир, токму пред да започне патот кон Крушево, по стапките на Илинденците.
Додека коњаниците од повеќе краишта на Македонија се собираа на благослов, еден од нив, облечен во традиционална народна носија и на својот украсен коњ, симболично клечна пред својата девојка. Во рацете, наместо оружје или знаме – држеше прстен. Пред присутните верници, монасите и неговите соборци коњаници, ја побара својата девојка за сопруга.
Овој емотивен чин се случи во дворот на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, духовниот бастион на Македонскиот народ, кој веќе години наназад е почетната точка на коњаничкото патување што го слави Илинденското востание.
На социјалните мрежи се појави и видео од овој момент, а во описот стоеше:
„Во срцето на Бигорски, еден коњаник ја запроси својата сакана комитка – токму на патот кон Крушево, во пресрет на Илинден.
Ова не е само љубов – ова е завет, традиција и слободарски дух.
Илинденската коњаница носи љубов кон татковината... и љубов кон животот.
Стефан Ѓурчиновски и Марија Давидоска - нека ви е со среќа!
Нека љубовта ви роди дом полн со смеа, здравје и мали комити што ќе растат со љубов кон Македонија“.
Фото: Принтскрин/ Видео
РЖМ