Македонското знаме првпат се вееше на Кангчењунга: Кедев со нов подвиг!

Добивај вести на Viber

Познатиот доктор и професор д-р Сашко Кедев испиша ново историско поглавје во македонскиот планинарски спорт, освојувајќи уште еден врв над 8.000 метри – овој пат Кангчењунга (8.586 мнв), третиот највисок врв на планетата.

Македонската федерација на планински спортови информираше дека македонското знаме за првпат било истакнато на овој предизвикувачки врв, кој се наоѓа на границата меѓу Непал и Индија.

„По точно 70 години од првото искачување на врвот во 1955 година, на 23 мај 2025 година, околу 07:00 часот наутро по локално време, д-р Сашко Кедев, заедно со тим од 10 алпинисти, успешно се искачи на Kangchenjunga (8.586 мнв). Со ова искачување, тој уште еднаш ја покажа својата посветеност, издржливост и љубов кон планините, ставајќи ја Македонија на светската мапа на успешни искачувања“, се вели во соопштението на Федерацијата.

Д-р Кедев е најистакнатиот македонски висински алпинист, кој со ова достигнување му се доближува на исклучителниот подвиг – освојување на сите 14 врвови во светот повисоки од 8.000 метри, познати како „осум илјадарки“.


Неговиот список на досегашни искачувања вклучува:

Mount Everest (8.848 м) – 2009

Manaslu (8.163 м) – 27.09.2021

Dhaulagiri (8.167 м) – 09.04.2022

K2 (8.611 м) – 22.07.2022

Broad Peak (8.047 м) – 29.07.2022

Annapurna (8.091 м) – 15.04.2023

Nanga Parbat (8.125 м) – 02.07.2023

Cho Oyu (8.201 м) – 02.11.2023

Makalu (8.463 м) – 05.05.2024

Lhotse (8.516 м) – 13.05.2024

Gasherbrum II (8.035 м) – 22.07.2024

Shishapangma (8.027 м) – 04.10.2024

Kangchenjunga (8.586 м) – 23.05.2025

Со освоени 13 од 14 осум илјадарки, на д-р Кедев му преостанува уште Gasherbrum I (8.080 м) – последниот врв во низата. Доколку успее да го искачи и него, Кедев ќе стане првиот Македонец кој ги има покорено сите врвови над 8.000 метри – подвиг што само мал број алпинисти во светот го имаат постигнато.

извор: Imagine Nepal