„Неизмерна среќа и гордост“: Еве како ќерката на Живко Мукаетов слави со срце полно емоции

Ракометниот клуб Алкалоид го освои Европскиот куп на Европската ракометна федерација (ЕХФ), постигнувајќи историски успех за македонскиот спорт. Триумфот беше дополнителен повод за прослава во семејството Мукаетови, чијa семејна компанија стои зад клубот.
Ќерката на сопственикот на клубот, Живко Мукаетов, Кики Мукаетова, преку објава на социјалните мрежи го изрази своето задоволство од овој значаен момент. „Гордост. Неизмерна среќа. Љубов до небо. Паа и малку повеќе нерви. Шампиони“, напиша таа, славејќи го успехот како личен, но и национален.
Клучната пресвртница за титулата се случи по победата на Алкалоид во првиот финален натпревар во Атина, по што грчкиот противник, РК АЕК, одби да се појави на реваншот во Скопје. По разгледување на случајот, ЕХФ донесе одлука да ја регистрира средбата како службена победа за македонскиот клуб, со резултат 10:0 и 2:0 во поени.
„Трофејот од Европскиот куп заслужено ќе биде во нашите витрини! Честитки до нашите херои на теренот! Ова е резултат на страста, напорната тимска работа, пожртвуваноста и на непоколебливата верба!“, соопштија од клубот.
РК Алкалоид беше основан на 7 јули 2021 година од фармацевтската компанија „Алкалоид“, со Живко Мукаетов на чело. Клубот е во партнерство со брендот „КЛ7“ на легендарниот ракометар Кире Лазаров. Своето натпреварување го започна во сезоната 2021/22 во Првата македонска лига, второто по ранг натпреварување во земјата.
Фото: Инстаграм
РЖМ - Г.Д.Г