„Со сопругата згриживме новороденче во 2018 година“: Јован Деспотовски откри непознат животен подвиг

Македонскиот
политичар и долгогодишен член на СДСМ, Јован Деспотовски, во гостување во
утринската програма „Здраво Македонијо“ на Канал 5 телевизија сподели лично и
досега непознато животно искуство – заедно со сопругата згрижиле новороденче во
2018 година.
Како што истакна во разговорот, одлуката била донесена по силното влијание на емотивна кампања на УНИЦЕФ посветена на згрижувањето деца, која се спроведувала во 2017 и 2018 година.
„Тоа е различен концепт од посвојување. Со згрижување не ги добивате родителските права врз детето. Секогаш постои можност биолошките родители, ако не им се одземени правата, да го побараат детето назад и тоа социјалните служби да го дозволат,“ појасни Деспотовски.
Тој додаде дека по иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, предводено од тогашната министерка Мила Царовска, заедно со сопругата се пријавиле за згрижување. Веќе по краток период добиле можност да згрижат новороденче.
„Тоа бебе дојде кај нас кога имаше само пет дена. Подоцна дознав дека и други семејства се охрабриле на ист чекор, што ми беше особено драго,“ рече Деспотовски.
Ова искуство, како што истакна, му ја продлабочило свеста за важноста на згрижувањето деца и поддршката што овие деца ја заслужуваат од заедницата.