Трудот не е срам: Јусуф од Прилеп ги освои симпатиите на јавноста со неговата изјава (ВИДЕО)

На Инстаграм профилот „Мелеем Скопје“ се појави видео кое за кратко време стана вирално и ги освои симпатиите на јавноста. Претставува кратка, но инспиративна приказна за Јусуф Незир – средношколец од Прилеп, ученик во техничко училиште на насока Рударски техничар.
Во видеото, Јусуф со искрена насмевка зборува за неговиот секојдневен живот: по завршување на училиштето, директно заминува на нива, каде работи со своето семејство.
„Кога ќе завршам со училиште, ќе почнам со работа од 3 до 7 ипол. Сега ќе почнеме тутун да копаме“, вели младиот прилепчанец.
Видеото наиде на огромна поддршка и воодушевување кај корисниците на социјалните мрежи. Под објавата се редат коментари полни со пофалби и охрабрување.
„Овие деца не се татини синови и не газат пешаци на улица пијани. Браво дете“, „Да имаме 2% средношколци како Јусуф, државата ќе беше на друго ниво. Биди благословен од Господ“, „Колку убааво дете! Ти посакувам да останеш ваков цел живот“, се дел од реакциите.
Меѓу коментарите се појавуваат и искрени сведоштва за животот на младите во прилепските села, каде децата од најрана возраст се вклучени во земјоделските работи – од возење трактор до берење тутун. Мнозинството согледува дека ваквиот труд е последица на недоволна поддршка од државата во земјоделскиот сектор, што ги принудува многумина да ја бараат својата иднина надвор од земјата.
Видеото на Јусуф потсети дека вредностите како труд, скромност и чесност сè уште постојат – и дека младите од руралните средини имаат што да покажат и поучат.