Виолета Томовска ми го спаси животот: Емотивно сеќавање на музичарот Љупчо Мирковски

Добивај вести на Viber

Композиторот Љупчо Мирковски вели дека за малку ќе загинел за време на катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули во 1963 година. Мирковски тогаш имал пет ипол години, а животот му го спасила неговата братучетка, доајенот на македонската народна песна Виолета Томовска.

Пред неколку дена се навршија 57 години од трагедијата која го погоди Скопје, а Мирковски се присети на кобниот ден за кој вели дека, да не била Виолета, тој денеска немало да биде жив.

„Роден сум во 1958, година, значи сум бил мало дете од пет ипол години кога се случи земјотресот во Скопје. Тие години немаше баш некои поволни услови за живот. Мојата братучетка, Виолета Томовска која е од Битола, живееше во Скопје со нас,  тука учеше средно училиште. Ние си одевме често едни кај други, семејството на Виолета кај нас во Скопје, а ние кај нив во Битола, тоа ни беше како летување. На 26 јули, Виолета од Битола дојде во Скопје, и јас запнав да не спијам во мојот кревет, туку да спијам со неа. Цела среќа моја понатаму е заради неа, затоа што креветот во кој обично спиев беше целосно искршен под рушевините од земјотресот. Во срушена зграда, во целосен мрак, таа ме фати за рака за да не се плашам и почна да копа по рушевините. По некое време, виде мал зрак и почна да копа спрема него, кога го подотвори почна да вика и така забележаа дека има некој жив под урнатините. Низ мала дупка не извадија двајцата. Виолета ми е мојот Ангел спасител“, ни раскажа познатиот музичар. Целото нивно семејство, додека Виолета се обидувала да го спаси својот братучед било под урнатините на зградата.

„Бевме полна куќа, целото мое семејство беше под урнатините на зградата. Мајка ми тогаш беше бремена во шести месец со сестра ми. Татко ми од под урнатинте ги извади вујко ми и вујна ми, но за жал, тие не успејаа да се спасат, починаа“, се сеќава Мирковски на својот вујко, оперскиот пејач Благој Петров-Караѓуле и на неговата сопруга.

Тој вели дека секоја година, на 26 јули, тој и Виолета се слушаат и се сеќаваат на тоа незаборавно, тажно и страшно чувство.

Постои уште работа за која диригентот на Биг бендот на МРТ денес жали.  

„Денешно време. Биг бендот не работи, како и цела музичка продукција на МРТ. Жално е како згасна основоположникот на целата македонска музика. Секогаш сум оптимист, но за обнова на оркестрите изгубив секаква надеж. Никој не се интересира за нивно постоење“, ни изјави музичарот.

Љупчо е среќен што по неговите стапки, и по стапките на целото негово музичко семеејство, тргнал и синот Бобан, кој е пијанист.

„ Син ми Бобан тргна по моите стапки. Тој е професор во МБУЦ , магистер по пијано. На 28 јули има настап на Скопско лето, ќе има свој концерт на плоштадот Мајка Тереза“, вели за својот син Мирковски.

Неговите идни музички планови се врзани за Охридско лето, каде што на 14 август ќе се изведе праизведбата на авторската поп-симфонија за пијано и оркестар, а синот Бобан ќе биде солист на пијано.

М.Џаровска