Здравко Чолиќ на концертите во Скопје, имаше голема поддршка од една од најбитните личности во неговиот живот

Добивај вести на Viber

Времето за него застанало. Здравко Чолиќ на синоќешниот, трет по ред концерт, кој се одржа во преполната сала Борис Трајковски, уште еднаш потврди дека оваа констатација најмногу му прилега и на неговиот стас, глас и кондиција. 

Магичниот Чола овојпат се претстави со поинаков, репертоар, со хитови кои имаа нови аранжмански решенија, бидејќи на сцената го следеше симфониски оркестар - 50 музичари од Биг бендот од Нови Сад и од оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад, под диригентската палка на Федор Вртачник. Имаше четири придружни вокали и машки вокален квинтет.

Магијата почна после импресивниот инструментален вовед и продолжи со блок хитови од седумдесетите години „Продужи даље„ „Синоќ ниси била ту“,„Гори ватра“. Здравко многумина ги остави без здив со ислкучително високиот квалитет на интерпретација, повремено спектаклуларно одејќи во висини („Једна зима са Кристином“). Доказ дека годините не му можат ништо кога е во прашање и неговиот најголем адут – гласот.

Се пееше и се играше без било какви кочници. Многу емоции „лебдеа“ над салата особено при изведба на „Ти си ми у крви“ и „Песмо моја“ темата со која го заврши концертот.

При напуштањето на слата, една постара дама не можејќи да ги сокрие емоциите гласно прокоментира.

„Браво. Двајцата имаме 74 години. Веќе одамна го изгубив гласот, а тој пее на концертите исто како во времето на младоста“. Одушевени беа и младите кои не биле сведоци на тоа време, но ги пееа со голема страст неговите хитови.

Многу од неговите фанови сакаа да го видат и зад сцената, но не успеаа. А таму го чекаше неговиот роден брат. Како што дознаваме тој бил присутен на сите три концерти и заедно со Чола уживале во богатата македонска кујна.

Здравко Чолиќ по шест години се врати во Скопје, за прв пат со симфониски оркестар и одржа три концерти на 3, 4 и 5 јуни во беспрекорна организација на „ Мктикетс“.

Без сомнение, со таа енергија, вокал и харизма публиката може само да му порача – ти благодариме и продолжи да не радуваш со песна.

С.А.Н
Фото Вангел Тануровски