Историски успех: Д-р Сашко Кедев прв Македонец што ги покори сите највисоки врвови на планетата!

Македонскиот кардиолог и алпинист д-р Сашко Кедев утрово го искачи врвот Гашербрум I (G1) во Пакистан, со што влезе во историјата како првиот Македонец – и единствен во поширокиот регион – кој успеал да ги искачи сите 14 врвови на планетата високи над 8.000 метри, како и највисоките точки на сите седум континенти, познати како „Seven Summits“.
Со искачувањето на Г1, висок 8.080 метри, Кедев го заокружи списокот на најекстремните алпинистички предизвици. Меѓу врвовите кои ги совладал се и најнискиот од „осумилјадниците“ – Шишанпангма (8.027 м), најопасниот – Анапурна (8.091 м), и највисокиот врв на светот – Монт Еверест (8.848 м).
Овој подвиг го позиционира д-р Кедев не само како врвен алпинист на македонската сцена, туку и како редок член на ексклузивниот светски клуб на планинари кои ги имаат освоено највисоките и најтешко достапни врвови на Земјата.
Фото: Фејсбук