„Кога ќе пораснам, сакам да бидам јас“: Илина Арсова на врвот на сопствената животна авантура

Македонската алпинистка и уметница Илина Арсова денес има голем повод за прослава – го одбележува својот 43. роденден со нови визии и планови за иднината.
Арсова неодамна ги заврши докторските студии на Универзитетот во Тенеси, САД, и со тоа го заокружи уште едно значајно поглавје во својот живот. Но, за Илина, секој врв е само почеток на следниот предизвик.
Во своето богато портфолио, Арсова се истакнува како успешна алпинистка, уметница и амбасадорка на Македонија во светот. Таа е позната и по својот оригинален и инспиративен дух, кој најдобро се отсликува во нејзините зборови објавени на социјалните мрежи:
„Кога ќе пораснам, сакам да бидам јас. Или, како што рече Симон де Бовоар, ја прифаќам големата авантура да бидам јас“.
Арсова во декември 2019 година влезе во историјата како првата Македонка која ги искачила највисоките врвови на сите континенти, подвиг познат како „Seven Summits“. Со тоа стана една од само 60 жени во светот кои го имаат постигнато овој успех според престижната Меснерова листа.
По научните успеси и спортските рекорди, Арсова денес симболично ќе ги „дувне свеќичките“ и ќе започне ново животно поглавје – како што самата вели, „голема авантура да се биде свој“.
Фото: ИнстаграмРЖМ - Г.Д.Г