Купила куќа од 1 евро „на слепо“ во Сицилија: Од неа со малку пари направила вистински рај!

Мередит Табон (46) од Чикаго доживеала вистинска животна трансформација откако „наслепо“ купила стара куќа во Самбука ди Сичилија, мал италијански град што нудел напуштени објекти по симболична цена од 1 евро.
Целта на оваа иницијатива, започната од локалната општина во 2019 година, била да се привлечат странски жители и да се спречи умирањето на малите места поради нискиот наталитет и иселувањето.
Мередит, финансиски советник, дознала за Самбука по е-пошта од пријател, и веднаш препознала дека тоа е местото од каде потекнува нејзиното семејство. Наскоро поднела понуда од 5.900 евра за една куќа и ја добила аукцијата. За време на првата посета на Сицилија се вљубила во селото и одлучила таму да поминува по еден месец, четири пати годишно.
Откако ја купила првата куќа, открила дека соседната е празна, ја откупила и неа, па заедно ги реконструирала во еден објект со четири спални, четири бањи, вински подрум, сува сауна и кујна дизајнирана од тим од Венеција. За целиот проект вложила околу 475.000 евра, но тврди дека слична куќа во Чикаго би чинела десет пати повеќе.
„Сѐ беше тешко и бавно, посебно за време на пандемијата, но вредеше“, вели таа. Денес ужива во поинаков начин на живот, далеку од стресот и фокусот само на работа. „Секој ден таму носи нешто неочекувано. Се чувствувам повеќе дома во Самбука отколку каде било во светот“, објаснува.
Табон сведочи за огромната трансформација на градот. Самбука, некогаш полупразно и заборавено место, денес е економски и културен центар исполнет со нови жители, туристи и живот. Локалното население ја дочекува со радост, особено бидејќи нејзините предци потекнуваат од таму. Презимето Табон повторно оживеало во местото што некогаш го напуштиле.
Извор: Мондо / Фото: Инстаграм