Лисици шетаат низ Скопје – граѓаните во паника: „Не смееме ни децата да ги пуштиме во двор!“

На социјалните мрежи деновиве се појавија фотографии и видеа кои предизвикаа вознемиреност кај граѓаните – лисици слободно шетаат низ урбани подрачја на Скопје.
Според
објавите, најчести забележани случаи има во скопската населба Козле, каде, како
што пренесуваат корисниците, дури и глутница лисици се движела по улицата
Ловќенска.
„Лисици шетаат слободно во Козле“, објави еден граѓанин на Фејсбук.
Други сведоштва доаѓаат од делови на Кисела Вода, Усје, Гази Баба и околните
населби. Вознемирените жители велат дека животните навлегуваат во нивните
дворови, а во некои случаи и направиле штета – напаѓајќи кокошки и дури мало
куче.
„Имаме мали деца, се плашиме да ги пуштиме во двор“, пишува еден од загрижените родители.
Во врска со оваа појава, реагираше и Здружението за заштита на животните Анима Мунди, кое апелира на смиреност и разбирање.
„Лисиците не се опасни и не напаѓаат луѓе. Се приближуваат до урбаните средини поради уништување на нивните природни живеалишта, градежна експанзија и недостиг на храна“, се вели во нивното соопштение. Од таму додаваат дека лисиците се плашливи и интелигентни животни кои вообичаено избегнуваат контакт со луѓето.
Здружението потсетува дека присуството на лисици во голем број урбани средини ширум светот, како Лондон, Берлин, Торонто и Љубљана, не е нова појава, туку дел од адаптацијата на животните на новите услови на живеење.
„Ова не е закана, туку сигнал дека и тие бараат начин да преживеат“, порачуваат од Анима Мунди.
Во меѓувреме, граѓаните бараат надлежните институции да преземат мерки за зголемена безбедност, особено во населбите каде честопати се забележани вакви диви животни.
РЖМГ.Д.Г