Македонка испишува историја: Ива Пројковска ќе дели правда на „Копа Америка“

Добивај вести на Viber

Македонската интернационална фудбалска судијка Ива Пројковска ќе биде дел од престижниот турнир Копа Америка за жени, кој оваа година ќе се одржи во Еквадор од 12 јули до 2 август. Со ова учество, Пројковска влегува во историјата како единствена судијка од Европа која ќе дели правда на овој континентален шампионат.

Во судискиот состав на Копа Америка се вклучени вкупно 11 главни судијки, од кои дури 10 се од Јужна Америка. Пројковска ќе има чест да биде главна судијка на натпреварите, а нејзини помошнички ќе бидат Џулија Гемпестили и Ирагарце Фернандез.

Ова е уште едно значајно достигнување во кариерата на македонската судијка, која неодамна беше дел од судискиот тим на финалето на Лигата на шампионите за жени на УЕФА, одиграно во Лисабон. По натпреварот, Пројковска сподели дел од емоциите на социјалните мрежи:

„Неверојатно сум горда и благодарна што бев дел од судискиот тим за финалето на Лигата на шампионите за жени на УЕФА. Незаборавно искуство. Почестена, горда и засекогаш благодарна! Секој предизвик по патот го направи овој момент уште позначаен. Горда сум на она што го постигнавме заедно со целиот тим. Лисабон 25“, напиша таа.

Со ова учество на Копа Америка, Ива Пројковска уште еднаш го потврдува својот квалитет и углед на меѓународната судиска сцена, претставувајќи ја Македонија на највисоко ниво.

РЖМ - Г.Д.Г