Не е за секого: Ледената Македонка се капе таму каде што малкумина би се осмелиле!

Добивај вести на Viber

Ресенчанката Бетика, позната по своите капења во ледени води и инспиративната животна приказна, повторно го привлече вниманието на јавноста – овој пат со капење во студените води на Дуфскиот водопад, природна убавина сместена во срцето на планината Крчин, во близина на селото Ростуше.

Во описот на видеото објавено на социјалните мрежи, Бетика поетично ја опиша својата доживеана поврзаност со природата:

„Доволно силен да те срамни со земја. Но истовремено и толку нежен да ти ја помилува душата – ако си дозволиш. Препушти се и диши. Таа носи сé што не си, за да останеш она што си.“

View this post on Instagram

A post shared by Betika(@_betika_)

Дуфскиот водопад, ерозивен по своето потекло, е создаден како последица на регресивното всекување на речното корито на Ростушка река. Сместен во густа шума, водопадот е вистинско природно богатство, често посетувано од љубители на авантуристичкиот туризам и оние кои трагаат по духовен мир.

Ова не е првпат „Ледената Македонка“ да се капе во студени води. Претходно таа се нурна и во Вевчанските извори, за кои вели дека ѝ се вратила „иако никогаш не заминала“, бидејќи таму нејзината душа „корен фатила“. Низ нејзините објави често провејува длабока поврзаност со природата:

„Секој поглед низ планинскиот здив е молитва што ја разбирам без зборови. А водата, душа ми милува. Ти си љубов што не старее, него тлее за навек.“

View this post on Instagram

A post shared by Betika (@_betika_)

Бетика не е само авантуристка, туку и симбол на лична победа. По тешка сообраќајна несреќа која ја оставила прикована за кревет речиси две години, борбата со депресијата и физичката болка ја довела до момент на трансформација. И покрај мрачните прогнози дека ќе остане инвалид, таа нашла спас во природата – и во ладната вода, за која верува дека има исцелителна моќ. Денес, таа е пример за храброст, издржливост и верба во себеси.

Нејзината приказна инспирира многумина да ја пронајдат својата сила токму таму каде што не очекуваат – во тишината на шумата, во студот на водопадот, и во љубовта кон животот.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм
РЖМ - Г.Д.Г

Прочитај повеќе:

Од тешка повреда и депресија до капење на -34 °C: Ресенчанката Бетика за најболните, но и најубавите моменти од животот