Популарниот пејач Ален Славица за Битола: Ова е една од најубавите сцени на кои сум настапувал

Сите ја знаеме неговата емотивна балада „Дао сам ти душу“, песна што остана врежана во музичката меморија на целиот Балкан.
Ален Славица, еден од најатрактивните пејачи во поранешна Југославија, по долгогодишна пауза и живот далеку од очите на јавноста, повторно се врати пред македонската публика – и тоа со ексклузивен настап во Битола.
Славица, кој веќе подолго време живее во Америка со своето семејство, каде води мирен и семеен живот, не ја напушти музиката – напротив, продолжи да создава и твори, но далеку од балканските медиуми и сцена. Вчера, специјално допатува од САД за да биде дел од еден значаен музички настан во Македонија.
На археолошкото наоѓалиште Хераклеа во Битола, во магична атмосфера под отворено небо, Ален Славица беше специјален гостин на јубилејниот концерт на битолската рок-група „Гром“, која одбележа значаен роденден од своето постоење на македонската музичка сцена.
Ален Славица со видео снимка се обрати на своите слушатели и на својата публика и во таа прилика откри дека според него „Хераклеа“ е една од најубавите сцени на кои досега настапувал.
Публиката со носталгија го пречека Славица, кој со својот настап ги потсети присутните на златните времиња на екс-ЈУ музиката. Настанот беше еден од ретките на кои повторно можеше да се слушне во живо гласот на овој популарен пејач, кој одамна ги има освоено срцата на генерации.
М.С.К