Никола Станишиќ не е свесен што му подготвуваат: „Бисер Балкански“ ќе ечи во оваа скопска општина

Во чест на големиот успех на Никола Санишиќ, победникот во овогодинешното издание на „Ѕвездите на Гранд“, Општина Ѓорче Петров организира свечен пречек за новата македонска музичка ѕвезда која ги освои симпатиите на целиот Балкан.
Настанот ќе се одржи вечерва, со почеток од 19 часот, во паркот Ѓорче Петров. Присутните ќе имаат можност лично да му честитаат на Никола и да прослават заедно со него, гордеејќи се со неговиот голем успех кој внесе радост во секое македонско срце.
Општината најавува незаборавна вечер исполнета со емоции, музика и гордост, каде Никола ќе ја изведе и победничката песна „Бисер Балкански“, со која блесна во финалето на музичкото шоу „Гранд“.
Никола не само што ја освои престижната статуетка, туку како награда доби и автомобил, како и целосна поддршка од продукцијата во форма на маркетинг и промоција, што ќе му овозможи силен старт на неговата професионална музичка кариера.
Во интервју за Женски магазин пред големото финале, Никола откри повеќе детали за својот пат до победата и ја истакна важноста на поддршката од неговата менторка Цеца Ражнатовиќ.
„Цеца многу си ја сакам и таа да не беше, сигурно немаше да стигнам до финалето. Нејзиниот совет од самиот почеток беше да пеам македонски песни. Секогаш беше тука за мене, да ме поддржува и да верува во мене. Таа ја сака Македонија и македонската музика“, изјави Никола.
Победата, како што самиот истакнува, за него значи нов почеток. Веќе подготвува авторски песни, со кои планира да се претстави пред пошироката публика и да ја зацврсти својата позиција на балканската музичка сцена.